Охрид Македонија
ОХРИД СПОЈ НА ИСТОРИЈАТА И МОДЕРНИОТ ЖИВОТ

Градот Охрид е туристички, културен и духовен центар на Република Македонија. Овој град има историја со континуиран живот на човечки заедници од 7 000 години и е еден од најстарите на светот, заедно со Ерусалим, Рим и денешен Истанбул.
Охрид се наоѓа на надморска височина од 695 метри и е најголем град на брегот на Охридското Езеро кое се проценува дека е старо околу 3 милиони години и е едно од најстарите езера на светот. Езерото изобилува со ендемска флора и фауна и заедно со Градот Охрид е ставено на списокот на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Седумте милениуми постоење во градот оставија огромно културноисториско наследство, па во Охрид можете да сретнете локалитети и објекти кои датираат од праисторијата, антиката, ранохристијанството, средновековието, исламот. . .Градот е седиште на Македонската Православна Црква олицетворена во Охридската Архиепископија, верска институција која била меѓу првите кои го донеле христијанството во Европа.
Низ вековите, Охрид бил поробуван, уништуван од човечка рака и од природни катастрофи но секогаш градот повторно се издигал и обновувал во уште поубав. Денешниот Охрид има околу 45 000 жители а општината е со површина од 389,93 км2. Урбаната зона на Охрид е составена од Стариот Град кој е лоциран во средината на урбаната зона, а него го чинат Варош, Месокастро и рибарската населба Канео. Во стариот Град Охрид се лоцирани најголем дел од културно историските локалитети на градот, музеите, во него се лоцирани објекти кои ја отсликуваат старата архитектура, а тука се и Заводот и Музеј на Град Охрид и Дебарско Кичевската Митрополија. Во состав на старото градско јадро е и Старата Охридска чаршија и двата градски плоштади. На едниот од нив е лоциран новиот споменик подигнат во чест на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски и плоштадот кај Чинарот, дрво кое е старо повеќе од 1 000 години. Како составен дел на Стариот Охрид се смета и Градското Пристаниште.

